ТОП СПОРТИСТИ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2021 ГОДИНА – Сребрените момчиња со златно срце Дејан и Емил, „дијамантите“ Елмас и Барди и „лавицата“ Ристовска

Како ретко која година претходно од осамостојувањето на Македонија, можеме да се пофалиме со неверојатни спортски успеси. Фудбалската репрезентација на Македонија настапи на Европско првенство и обезбеди пласман во бараж за Мундијалот во Катар, а токму Елмас и Барди се новите светли точки кои треба да го наследат Горан Пандев кој замина во репрезентативна пензија. По 20 години Македонија конечно дочека да има олимписки медалист во името на Дејан Георгиевски. Скромното момче од Бутел кое најави медал, а во Токио го исполни сонот на многу генерации македонски спортисти.

Сребрено момче е и каратистот Емил Павлов кој големата тага поради пропуштањето на игрите во Токио ја засити со сребро од Светското првенство во Дубаи. Сара Ристовска е единствената дама во оваа конкуренција. Предводничката на женската ракометна репрезентација на Македонија со нејзината ЦСКА Москва беше дел од фајнал-фор турнирот во Лигата на шампионите. 

==========================================================================================================================

ЕЛИФ ЕЛМАС И ЕНИС БАРДИ

Елјиф Елмас и Енис Барди покрај тоа што прераснуваат во лидери на фудбалската репрезентација на Македонија, двајцата стануваат и фудбалери од светска класа. Учеа покрај Горан Пандев долги години, а сега се „први виолини“ во оркестарот на Боби Милевски. Беа дел од репрезентацијата во историскиот прв настап на Македонија на големите натпреварувања, а есенва беа главните виновници што Македонија се најде и во баражот за пласман на Светското првенство во Катар. Барди со три гола го реши Лихтенштајн, додека двата гола на Елмас против Исланд беа клучни за испишување на нова историја во македонските фудбалски книги. Покрај репрезентацијата тие се едни од најдобрите играчи во нивните клубови. Иако Леванте е на дното на Ла лига, Барди уште зимава може да го напушти клубот и да потпише за екипа со далеку поголеми амбиции. Од друга страна Елмас игра неверојатно во Наполи каде го реши и последниот дерби натпреавр против Милан.

ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ 

Сребреното македонско момче со „златно срце“ летово ја израдува целата земја со тоа што ни донесе медал од најголемата спортска смотра, ЛОИ по пауза од 21 година. Георгиевски стана само вториот спортист од осамостојувањето на Македонија со медал на ОИ и прв роден Македонец (претходно Могамед Ибрагимов освои бронза во борење на игрите во Сиднеј 2000). Сите дознаа за таеквондото како спорт кој барем една недела за првпат во историјата беше спорт број 1 во Македонија. Скромното момче од Бутел најави медал уште пред заминувањето во Токио, а ветувањето го исполни со убедливи победи до финалето каде што беше сопрен од Русинот, Владислав Ларин. Георгиевски ен застанува тука и ветува дека во 2024 во Париз ќе се искачи и на највисокото место на подиумот.

ЕМИЛ ПАВЛОВ 

Уште едно „сребрено момче“ со златен сјај. Како што вели и самиот пред секој голем успех во кариерата мора да се соочи со големо разочарување кое ќе му даде дополнителен мотив. Откако не успеа да избори норма за Токио планираше да стави крај на карате кариерата, но повторно успеа некако да најде мотив и да стигне до најголемиот успех во кариерата освојувајќи го второто место на Светското првенство во Дубаи. Повеќекратен европски првак, а од годинава и светски вицешампион е и повеќе од доволно да се најде во групата на најдобрите спортисти кои Македонија некогаш ги дала.

САРА РИСТОВСКА

Единствената дама која се најде во оваа група на спортисти, но не и помалку заслужна. Сара Ристовска има одлична година зад себе, а сите се надеваме дека следната ќе биде уште поуспешна. Во моментов е лидер на генерацијата млади ракометарки кои следната сезона по долга пауза ќе настапат на едно големо натпреварување, Европското првенство на кое што Македонија е еден од коорганизаторите. На клупски план имаше одлична сезона. Како стандарден првотимец во ЦСКА Москва успеа да обезбеди пласман со својот клуб на фајнал-фор турнирот во Лигата на шампионите, а во домашниот шампионат по четири години успеа да го детронизира Ростов Дон и на клубот од главниот град на Русија да и го донесе првиот лигашки трофеј.

Се вчитува...