„Топчиите“ ќе играат „самба“: Кутињо и Вилијан заедно во Арсенал

Арсенал е на добар пат да донесе во своите редови двајца фудбалски генијалци, со што „топчиите“ дефинитивно би се вклучиле во борбата за висок пласман следната сезона по оваа разочарувачка премиерлигашка година. Станува збор за Вилијан и за Филипе Кутињо, двајца Бразилци кои според последните информации заедно би требало да пристигнат на „Емирати“ и да претставуваат главни засилувања на тимот на Микаел Артета за наредната сезона.

За работите да бидат уште „послатки“ за „топчиите“, двајцата врвни фудбалери би пристигнале за минимална инвестиција. Вилијан е слободен играч по истекот на договорот со Челси, а британските медиуми веќе објавија дека тој веќе се договорил за тригодишна соработка со „топчиите“. Според овие извори, се чека само елиминацијата на „сините“ од ЛШ (до крајот на викендов), за Вилијан и официјално да биде претставен како ново засилување на Арсенал.

Паралелно со овие преговори, „топчиите“ водат и разговори со Арсенал за ангажман на Кутињо. Фудбалерот по разочарувачката позајмица во Баерн веќе прифатил преселба во Арсенал, само за да му се исполни желбата за камбек во Премиер-лигата, а во тек се преговорите меѓу клубовите. Арсенал нема намера да го купи Кутињо, но испратил понуда од 10 милиони фунти за едногодишна позајмица, опција што е добра и за Барса во ситуација кога ниту еден клуб нема испратено понуда за целосно да го откупи Бразилецот од каталонскиот гигант.

Челниците на Арсенал се надеваат дека со овие два засилувања ќе успеат да го убедат и Пјер Емерик Обамејанг да потпише нов договор, покажувајќи му дека во новата сезона ќе се влезе со многу поголеми амбиции. Понудата од 250.000 фунти неделна плата е на маса, а доколку Обамејанг не ја прифати ќе мора да биде продаден бидејќи договорот му истекува следното лето, кога би можел без никаква отштета да си замине од „Емирати“.

Се вчитува...