„Топчиите“ се експерти за куп-финалиња – Обамејанг го реши и Челси

Арсенал со освоен пехар од ФА Купот ја спаси сезоната, триумфирајќи во финалето над Челси со 2-1 и обезбедувајќи си учество во европските купови за наредната сезона. Идентично како и на полуфиналето против Манчестер Сити, повторно улогата на херој му припадна на Пјер Емерик Обамејанг, кој со два гола донесе пресврт по водечкиот погодок на „сините“. Воедно, Арсенал го оправда епитетот на „експерт за куп-финалиња“, со оглед на фактот дека ова беше осми триумф на „топчиите“ на последните девет меча за трофејот во ФА Купот.

Мечот не почна добро за избраниците на Артета, откако Челси одлично стартуваше и преку Пулишиќ стигна до заслужено водство. Случувањата на теренот се променија откако Азпиликуета го собори Обамејанг во шеснаесетникот на „сините“, по што истиот фудбалер прецизно биеше од белата точка и го израмни резултатот. Лампард се соочи со неочекувани проблеми, пред крајот на полувремето се повреди Азпиликуета, а на стартот од вториот дел со солзи теренот го напушти и Пулишиќ.

Челси сепак имаше повеќе од играта, но Арсенал беше тимот што стигна до победата благодарение на Обамејанг, кој извонредно се ослободи од Зума пред да ја смести топката во мрежата. Ситуацијата уште повеќе се искомпликува по црвениот картон на Ковачиќ, по што „топчиите“ со играч повеќе умешно ја задржаа предноста за конечен триумф, за 14. трофеј за овој лондонски клуб во најстарото европско фудбалско натпреварување.

Се вчитува...