Традиција: Интер победил еднаш на 11 меча во Торино, нема дадено гол 296 минути

Интер вечерва ќе се обиде да освои најмалку еден бод против Јувентус и да се задржи на чело на табелата во Серија А, но предизвикот пред „нероаѕурите“ е огромен со оглед на незгодната традиција што овој тим ја има на последните гостувања против „црно-белите“ од Торино.

Имено, на последните единаесет средби на кои Јувентус го пречекал Интер, гостите од Милан триумфирале само еднаш, и тоа во 2012 година со резултат од 1-3, со што Интер ја прекина серијата на Јувентус (под водство на Антонио Конте) од 49 натпревари без пораз.

Севкупно гледано, Јуве досега одиграл 100 домашни натпревари против Интер и има скор од 66 победи, 18 реми и 16 победи на Интер. Триумфот во 2012 година е единствен за „нероаѕурите“ во последните 11 меча во Торино, каде „нероаѕурите“ имаат три реми и седум порази.

„Старата дама“ воедно постигнала гол на последните 13 „дерби на Италија“, без разлика дали на домашен или на гостински терен , а последен пат Јуве не му дал гол на Интер во Суперкупот на Италија во 2005 година, кога Интер славеше по продолженија со голот на Верон во 96. минута.

Интер е без постигнат погодок во Торино од 2015 година, кога големите ривали ремизираа 1-1, Тевез беше стрелец за Јувентус, а Икарди за Интер.

Се вчитува...