Трајчевски: Ако први дадеме гол во Минск…

Работнички в четврток ќе го игра реванш натпреварот против Динамо Минск во Белорусија, а капитенот Душко Трајчевски верува дека „романтичарите“ имаат капацитет за да го елиминираат ривалот. По ремито (1-1) од првиот меч во Скопје, јасно е дека Работнички ќе треба да одигра многу поквалитетно на возвратниот дуел во Минск.

„Имаме сили за да го елиминираме Динамо Минск, иако тоа нема да биде нималку лесна задача. Но, сега знаеме точно за каков тим се работи, ги знаеме нивните добро и лоши страни, и ќе се обидеме од тоа да извлечеме корист. Тие сигурно се подобро физички подготвени, со оглед дека нивното првенство е во полн ек, и имаат одиграно 15 кола. Ние допрва влегуваме во вистински ритам, но можеме да го пронајдеме вистинскиот пат за да ја оствариме целта. Треба да одиграме многу подобро отколку на првиот меч во Скопје, а доколку први го отвориме резултатот, мислам дека ќе бидеме блиску до целта“, изјави Душко Трајчевски за официјалниот сајт на клубот.

Експедицијата на Работнички утре рано наутро патува за Минск, каде в четврток ќе го игра реванш натпреварот против Динамо Минск, во рамките на второто квалификациско коло од Лигата на Европа.

Се вчитува...