Пелистер не успеа да слави на дербито со Работнички што „зелено-белите“ го загубија на домашен терен во неделата. Тренерот Ненад Трајковиќ смета дека мечот го реши центарската позиција, поточно неиграњето на Американецот Галовеј, кој поради смртен случај во семејството мораше викендов да замине во САД, а неговото враќање во Битола се очекува во текот на ноќта.
„Галовеј пристигнува вечерва, од утре ќе почне со тренинзи, мислам дека ќе ни биде од голема помош на дуелот со Чаир и на сите наредни средби. Како што можевте да видите, останавме без висок играч за дуелот со Работнички, а противникот го искористи тоа, нивниот центар постигна 18 поени и имаше пет офанзивни скокови. Тоа е тоа, се боревме, но не успеавме да парираме бидејќи на тие високи позиции противникот беше посилен. Мечот го загубивме и поради некои загубени топки, бевме принудени цел меч да го играме со само еден центар, Мишковиќ, а Крстевски го загубивме рано во натпреварот по направената четврта, а потоа и техничка грешка, откако овој кошаркар заврши одлична работа во првото полувреме. Момците се бореа, но мислам дека пресудно беше што немавме опции за играч во рекетот“, истакна Трајковиќ.
Стратегот на „пелистерци“ останува оптимист дека почнувајќи од следниот меч против Чаир „зелено-белите“ ќе влезат во победнички ритам и на што подобра позиција ќе го дочекаат плејофот.
„Ќе се обидеме да славиме на следните три натпреварии да стигнеме до што подобар пласман пред стартот на плејофот. Сигурно ќе бидеме подоби со враќањето на Галовеј, тој е кошаркар што квалитетно работи, што носи енергија во целата екипа и дефинитивно ќе ни биде од помош во наредниот период“, вели Ненад Трајковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА