Трансферот на Ким не е завршен, можат ли Тен Хаг и Јунајтед пак да извисат од директен ривал

Ерик тен Хаг има причина да стравува повторно да не извиси во трка по фудбалер што го следи веќе подолго време, откако менаџерот на Манчестер Јунајтед во „пет до дванаесет“ во јануари остана без Коди Гакпо, кој во последен момент потпиша за Ливерпул наместо за „црвените ѓаволи“.

Овојпат станува збор за Ким Мин Џае, одличниот дефанзивец на Наполи кој дефинитивно си оди од редовите на италијанскиот првак бидејќи има клаузула од 50 милиони евра што заинтересираните клубови се подготвени да ја платат. Оваа клаузула се активира на 1 јули, а Тен Хаг има причина за загриженост откако беше обелоденето дека Манчестер Јунајтед добил сериозна конкуренција во оваа трка, и тоа од најбогатиот англиски премиерлигаш Њукасл.

„Црно-белите“ досега не трошеа богатство на трансфери, но сега кога тимот обезбеди место во ЛШ управата на клубот е подготвена да стори се за да ги исполни желби на Еди Хау. Одличниот стратег го бара Ким како дополнително засилување за одбраната што функционираше беспрекорно со Шар и Ботман како централни дефанзивци, а според првичните информации, Њукасл му понудил на самиот фудбалер 30% повисока плата од она што го нуди Јунајтед.

Останува да се види како ќе заврши оваа трка, а не се исклучува можноста понуди до Ким во наредниот период да испратат уште неколку европски гиганти.

Се вчитува...