Тренчовски: Голема победа за одличен старт на сезоната

Шефот на стручниот штаб на Академија Пандев, Југослав Тренчовски сосема очекувано не го крие задоволството од победата против шампионот Шкендија на стартот од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.

Според Тренчовски овој триумф е голем мотив за неговите избраници за продолжението од шампионатот, иако не крие дека и среќата била на страната на „пандевци“ за да се дојде до триумф против состав како Шкендија.

„Ова е голема победа секако за одличен старт на првенството. Секако задоволство е кога ќе се победи најдобриот тим во Македонија, и тоа носи мотив за продолжението. Но, мора да истакнам дека имавме и среќа на патот до триумфот. На голот го имавме одличниот Чубраковиќ, а Сашко Пандев постигна прекрасен погодок доволен за триумф“ – вели Тренчовски, дополнувајќи дека тимот пред мечот се соочувал и со проблеми.

„Посебна околност за нас беше тоа што не можевме да сметаме на неколку стандардни првотимци поради повреди. Но, секако сите кои беа на терен максимално ја оправдаа довербата, и со трпение, тактички мудра игра стигнавме до првите три бода во новата сезона“ – истакнува стратегот на Академија Пандев.

Се вчитува...