Треневски: Динамо Минск е фаворит, но ние без резерва ќе играме до крај!

Тим-менаџерот на Работнички, Виктор Треневски на денешната прес-конференција пред утрешниот прв натпревар од 2. квалификациско коло за Лигата на Европа против Динамо Минск во Скопје, ја нагласи определбата на тимот да се игра до крај мотивирано во желбата за продолжување на европските настапи ова лето.

„Во првото коло велеа дека игравме со аматери, па еве сега на ред дојдоа и професионалци. Динамо Минск е квалитетен тим, можам да ги споредам со Вардар или Шкендија. Таков им е буџетот, а играат со стратегија 3-4-3. Тие се можеби фаворити, но ние имаме свои планови и ќе го дадеме својот максимум. Ќе играме без резерва до крај, има два меча, мислам дека ќе биде тесно, а ќе се решава на реваншот“ – истакна Треневски, притоа осврнувајќи се и на проблемите кои пред мечот го мачат тимот.

„Ќе ни недостига Шиков кој си замина, но секако има момци кои можат да го заменат. Секако како на домаќини далеку понеопходен ќе ни беше добар терен за надигрување. Но, теренот е таков каков што е, а македонските клубови се жртва ова лето на Суперкупот на Европа“.

И капитенот на „романтичарите“, Душко Трајчевски фаворитската улога ја остава на Белорусите, но најавува битка низ сите 180 минути за пласман во следната рунда натпревари.

„Реално, Динамо Минск е фаворит пред се затоа што се во ритам. Имаат одиграно 15 кола во шампионатот но мислам дека ние имаме шанси за да одиме понатаму. Ќе биде сега многу потешко во однос на натпреварите против Тре Пене, но подготвени сме за секој предизвик. Има во нас сили и квалитет да ја минеме и оваа пречка“ – истакна капитенот на „романтичарите“, Душко Трајчевски.

Натпреварот меѓу Работнички и Динамо Минск се игра утре со почеток од 18 часот на помалиот стадион на комплексот „Куќа на фудбалот“ на ФФМ во Скопје. Цената на билетите е 200 денари.

Се вчитува...