Трет трансфер на „Олд Трафорд“: Лисандро полета од Амстердам кон Манчестер

Манчестер Јунајтед во следните 24 часа ќе го комплетира и третиот трансфер во овој преоден рок, откако ги договори сите услови за ангажман на Лисандро Мартинез од Ајакс. Станува збор за дефанзивец кој доаѓа на инсистирање на Тен Хаг, со кого Аргентинецот имаше одлична соработка во Ајакс.

Тој беше голема желба и на Арсенал, но ситуацијата се промени откако Јунајтед се вклучи во трката, а Тен Хаг лично разговараше со Мартинез, ветувајќи му значајна улога во тимот на „црвените ѓаволи“. Аргентинскиот фудбалер потоа ги прекина преговорите со „топчиите“, по што се чекаше на конечен договор меѓу клубовите. По разговорите меѓу Јунајтед и Ајакс, холандскиот првак денеска и официјално ја прифати понудата за почетни 45 милиони евра, плус дополнителни десет поврзани со неколку клаузули.

Откако Ајакс кажа ДА, Мартинез со својот агент веднаш полета кон Манчестер, објавувајќи фотографија во друштво на својот агент.

Дефанзивецот во текот на утрешниот ден ќе ги мине лекарските прегледи, по што ќе следи и потпис на договорот, по што тој ќе се приклучи на подготовките на Јунајтед за новата сезона.

Лисандро Мартинез ќе стане трето засилување на Манчестер Јунајтед во овој преоден рок, по левиот бек Маласија од Феенорд и плејмејкерот Кристијан Ериксен од редовите на Брентфорд.

Се вчитува...