Три адути што можат да го решат финалето

Работнички и Блокотехна ќе водат битка за трофејот во Купот на Македонија, меч во кој и двата тима имаат свои адути во обидот да стигнат до пехарот. „Црвено-белите“ зад себе го имаат искуството на играње на вакви натпревари, но Блокотехна со пехарот во БИБЛ покажа дека е зрела за вакви битки „на се или ништо“, уште повеќе што тимот од Гевгелија денеска зад себе ќе ја има и домашната публика

Јасно е, играта на Работнички се врти околу Чавдар Костов, кај Блокотехна во отсуство на Мијатовиќ и на Главчев улогата на лидер му припаѓа на Брендон Пен, но финалните натпревари најчесто се решаваат од сосема поинакви адути на тренерите.

БОЈАН КРСТЕВСКИ

Центарот на Работнички игра одлично цела сезона, а во ситуација кога противникот е значително ослабен со неиграњето на Мијатовиќ, Крстевски дефинитивно ќе има повеќе простор за доминација под обрачите. Клучно ќе биде овој кошаркар да нема проблеми со личните грешки, поради кои не беше во можност да го даде својот вообичаен придонес против МЗТ Скопје (одигра 20 од вкупно 50 минути, постигнувајќи седум поени со два скока).

КЕНЕТ ФУНДЕРБУРГ

Новиот Американец на Блокотехна немаше свој ден на полуфиналето со Гостивар, постигнувајќи осум поени со очаен шут 3/15. Тешко е да се поверува дека овој кошаркар два пати по ред ќе има така слаб натпревар, а доколку влезе во ритам Фундербург, актуелниот првак на Македонија ќе има сериозен проблем да ги запре налетите на Блоко.

СТАЈИЌ И КАРАЏОВСКИ ПРОТИВ МЛАДЕНОВИЌ И НИКОЛИЌ

Плејмејкерите ќе имаат задача да го диктираат темпото на мечот, а репрезентативците Стајиќ и Караџовски против себе ќе ги имаат Младеновиќ и Николиќ, кои со агресивност во одбраната ќе се обидат да го исфрлат од ритам шампионот. И двата бековски тандеми ќе имаат свој придонес и во нападот, но клучен фактор ќе бидат изнудените грешки на противниците, од кои потоа ќе произлезат лесни поени на спротивната страна.

Се вчитува...