Три лека за запирање на „црвената фурија“

ЕКИПА на ЕП 2018 во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Шпанија е ривал против кого на досегашните пет одиграни натпревари немаме ниту еден единствен позитивен резултат, но ваквите традиции постојат за да бидат урнати, па денеска ќе послужат како дополнителна мотивација за македонските ракометари. Јасно е дека ќе треба да се одигра речиси перфектен натпревар, но за да се има шанса за позитивен резултат неопходно ќе биде да се неутрализираат главните оружја на противникот.

Транзиција во одбрана, лек за убиствени контри и полу-контри

Реализацијата во нашиот напад ќе биде многу значаен аспект во мечот, пред се поради начинот на кој Шпанците играат во транзиција, па за само неколку секунди по промашувања на противникот стигнуваат до зицер ситуации за гол од контра или полу-контра. Враќањето назад во одбрана е еден од аспектите во кој значително напредувавме на овој шампионат, но што ќе треба да биде на највисоко можно ниво на вечерашниот меч, бидејќи Ривера, Арино, Соле, па дури и Душебајев делуваат убиствено ако им се остави и најмал простор.

Одбрана на пивот

Агинагалде ќе игра против Македонија и тоа сигурно не е добра вест, но факт е дека Шпанците делуваа беспрекорно на пивот и без помошта на асот на Кјелце. Фигерас беше човекот што доминираше на линијата со девет гола од девет обиди, надополнети со три асистенции, и кој сигурно ќе добие шанса и во одреден дел од мечот и против Македонија.

И тој и Агинагалде ќе бидат константна опасност по нашиот гол, воедно и за да изнудат исклучувања, а потоа Шпанија игра одлично со играч повеќе на овој шампионат, досега постигнувајќи 17 гола во 20-те ситуации кога „црвената фурија“ имала ваква предност во Вараждин.

Алекс Душебајев

Иако Шпанците најчесто стартуваат со Гурбиндо, повеќе од јасно е дека многу работи во нивната игра се вртат околу Алекс Душебајев. Доскорешниот „вардарец“ импресионира од секој аспект, иако млад се наметнува какоо ноов лидер на својата репрезентација, преземајќи значајна улога во нападот (најдобар стрелец на Шпанија во групната фаза со 12 гола), но и во одбраната како најистурен во зоната 5-1. Добро за нас е што Раул Гонзалес ги знае сите квалитетите на својот екс-пулен и сигурно ќе има совети до македонските репрезентативци како да го неутрализираат Алекс.

Се вчитува...