Тричковски: Се наоѓаме во позиција да испишеме историја за Македонија

ЕКИПА во Вадуц, Лихтенштајн

Владимир Булатовиќ

Офанзивецот на кипарска АЕК Ларнака, Иван Тричковски вели дека македонската репрезентација стигна до сосема заслужена победа против Лихтенштајн, иако можеби и не се докрај оправдани очекувањата со играта во првото полувреме.

Но, сега националниот тим е пред историска можност да дојде на само два чекори од пласман на Европско првенство…

„Знаевме дека ќе биде цврст, тежок дуел против Лихтенштајн. Чувствуваме одреден притисок во првото полувреме дека мора да дадеме брз гол и некако одигравме тензично без реализација. Но, во вториот дел со сосема поинаков пристап сосема заслужено стигнавме до зацртаната цел. Македонскиот фудбал никогаш не бил во ваква историска ситуација. Навистина сме блиску до пласман во плеј-офот од Лигата на нациите и со тоа на само два чекори од пласман на Европско првенство. Сега останува позитивно да одговориме и на дуелот со Гибралтар и да стигнеме до триумф пред домашните навивачи“ – вели Тричковски.

Македонската репрезентација точно на пладне со авионски лет од Цирих денеска се враќа во Скопје каде ќе продолжат подготовките за дуелот во понеделник (19. ноември) против Гибралтар.

Се вчитува...