Трилер-меч и реми меѓу Чешка и Словенија

ЕКИПА на ЕП во Хрватска,

Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски

Чешка и Словенија ја почнаа денешната програма во Вараждин со фантастичен натпревар што заврши без победник, 24-24, со што и двете селекции ги загубија ионака малите шанси за пласман во полуфиналето. Чесите водеа во поголемиот дел од мечот, но не го издржаа притисокот, Словенија влезе во последните пет минути со „плус два“, но на крајот овој дуел сепак заврши без победник.

Почетокот на натпреварот мина во знакот на чешкиот голман Мрква, кој за неполни 20 минути веќе нанижа десет интервенции. Чешка знаеше како да го искористи тоа и во 21. минута поведе дури и со пет гола разлика (7-12), но Словенците пред крајот на полувремето влегоа во својот препознатлив ритам. Цели девет минути Чешка не постигна ниту еден единствен погодок, Зарабец на спротивната страна беше три пати прецизен, па на одмор се замина со минимална предност на Чесите од 11-12. Мора да се истакне и жестоката игра на чешките ракометари во одбраната, поради која уште во првото полувреме директни црвени картони за стартови на главата на противникот добија Стелик и Петровски.

Второто полувреме исто така донесе неизвесна битка, во која Чешка повторно успеа посериозно да се одлепи, постигнувајќи пет гола во низа за водство од 16-20. Словенците одговорија со сопствена серија од 4-0, па во последните десет минути се влезе со израмнети 20-20. Маргуч постигна три гола за помалку од пет минути, Словенија поведе со 25-23, потоа и 26-24, но Јанц промаши цепелин при резултат 26-25, по што Чешка стигна до израмнување (26-26) на две минути до крајот. Кавтичник беше трагичарот, најпрвин промашувајќи, а потоа при добиената втора шанса правејќи пробивање, со што Чешка доби меч-топка за победа на 40 секунди до крајот.Последниот шут не беше реализиран, па мечот заврши без победник, со што и двете селекции ги загубија теоретските шанси за пласман во полуфиналето.

Словенците на крајот протестираа барајќи пенал за стартот на Хорак на две секунди пред крајот во нивната половина, но нивните забелешки не беа земени во предвид од страна на официјалните лица.

Голманот Мрква беше извонреден со 18 успешни интервенции, додека во нападот Здрахала со девет гола беше главна фигура во чешкиот состав. На спротивната страна, најефикасни кај Словенците беа Кавтичник со шест и Зарабец со пет погодоци.

Се вчитува...