Трилер-победа на Шпанија над Норвешка, одлична арбитража на Начевски – Николов

Шпанија во драматична завршница стигна и до втората дерби-победа во групната фаза од ОИ во Токио, триумфирајќи над селекцијата на Норвешка со 28-27. Македонските арбитри Начевски – Николов беспрекорно го отсудеа и овој меч, што беше решен со пенал во последната секунда, со кој Алеиш Гомез Гарсија ја донесе победата на „црвената фурија“. Со денешниот триумф Шпанците ја продолжија фантастичната серија во меѓусебните дуели со Норвежаните, која сега изнесува 18 победи и едно реми во последните 24 години.

Дуелот почна со подобра игра на Норвежаните, кои набрзина поведоа со 3-0, а нешто подоцна имаа и четири гола предност. Шпанците се вратија, при резултат 11-11 Македа не искористи зицер, по што Норвешка повторно влезе во мини-серија и на одмор замина со водство од 14-13. Вториот дел мина во знакот на шпанскиот голман Коралес, кој со неколку одбранети зицери донесе пресврт. Норвешка успеа да се врати пред самиот крај, во последната минута од пенал израмни на 27-27, за Шпанците во последниот напад да изнудаш пенал што Алеиш Гомез го претвори во победнички погодок.

Фигерас беше најефикасен во шпанскиот табор со десет погодоци, Алеиш Гомез Гарсија постигна пет гола, додека кај Норвежаните најдобри поединци беа Јондал со девет и Сагосен со шест постигнати гола.

Се вчитува...