„Трофеј Македонија“ почна со реми меѓу Хрватска и Црна Гора

Хрватска и Црна Гора ремизираа 20-20 во првиот натпревар од овогодинешното издание на „Трофеј Македонија“  што се одржува во салата „Билјанини извори“ во Охрид. Дуелот донесе интересен ракомет и возбудлива завршница, во која Црногорките буквално во последните секунди со голот на Јауковиќ се спасија од пораз.

Дуелот беше израмнет до 5-5, по што Црногорките успеаја да се одлепат, поведоа со 8-5, потоа и со 10-6. Во финишот на полувремето Хрватска ја среди одбраната и ја намали негативата, а при 11-9 двете селекции не искористија по неколку напади. Долгата серија без погодок ја прекинаа „коцкестите“ со гол за 11-10, по што оваа селекција не го искористи последниот напад на полувремето со играч повеќе, па на одмор се замина со минимални „плус еден“ за Црна Гора.

Хрватска во 35. минута успеа да израмни на 12-12, но Јаукович со гол од бековската позиција ја врати црногорската селекција во водство. „Коцкестите“ делуваа подобро на стартот од второто полувреме и во 40. минута стигнаа и до водство од 15-14,но следеше период на послаба игра на двете селекции во нападот, па во последните 15 минути се влезе со израмнети 15-15.

фото: Ракометна Федерација на Македонија

Црна Гора постигна гол за 16-15, по што Ивица Обрван побара тајмаут на 13 минути до крајот, a долгата серија без гол беше прекината со погодок од пенал, за 16-16 во 50. минута. Хрватска не реализираше зицер од крило при 17-16 за „коцкестите“, по што казната стигна со пеналот на Јауковиќ за 17-17, резултат со кој се влезе во завршните пет минути од овој натпревар. Двете репрезентации заиграа нешто поефикасно во самата завршница, а Обрван побара тајмаут на точно една минута до крајот, при израмнети 19-19. Хрватска од пенал поведе со 20-19, но во драматична завршница Црногорките израмнија преку Јауковиќ, а потоа и спречија гол од брз центар, за конечни 20-20 на овој интересен натпревар.

За најдобра ракометарка на натпреварот беше избрана Ѓурѓина Јауковиќ од селекцијата на Црна Гора.

Во вториот меч од денешната програма на „Трофеј Македонија“, нашата национална селекција од 18 часот ќе се сретне со Србија.

Се вчитува...