Цел меч водеа, на крајот ремизираа – „пелистерци“ имаат за што да жалат во Португалија

Еурофарм Пелистер ремизираше 27-27 на тешкото гостување против Спортинг Лисабон. Иако станува збор за добар резултат на исклучително „жежок терен“, битолчани не можат да бидат задоволни ако се знае дека имаа водство од првата до последната минута, но по една почетничка грешка на дваесетина секунди до крајот ја испуштија заслужената победа.

Македонскиот вицешампион одлично го почна натпреварот, со цврста одбрана исфрлајќи го од ритам одличниот напад на Португалците. Ова придонесе Еурофарм Пелистер набрзина да стигне до „плус два“, а нешто подоцна да поведе и со 3-6. Спортинг за момент се врати користејќи го исклучувањето на Кукоски, но ефикасниот напад и неколкуте изнудени пенали овозможија битолчани да продолжат да го контролираат резултатот. Спортинг со неколку погодоци со „брз центар“ не дозволи Еурофарм Пелистер уште повеќе да се одлепи, но македонскиот состав знаеше како да ја задржи предноста до самиот крај на полувремето, на одмор заминувајќи со заслужено водство од .

Во ритам во вториот влезе Табоада, кој постигна неколку важни погодоци. На спротивната страна од теренот блесна и голманот Секели, па „пелистерци“ во неколку ситуации имаа и „плус четири“. При резултат 20-24 и изнудениот пенал од Мараш, Периќ не успеа да реализира седмерец за да донесе предност од пет гола, по што домашниот тренер побара тајмаут во обид да ја консолидира играта на Спортинг.

Домаќините се приближија на 22-24, но во многу важен момент прецизен беше Стипе Мандалиниќ.  Еурофарм не искористи неколку напади при 22-25 за да стигне до „плус четири“, но проблемите се зголемија кога Мандалиниќ доби исклучување, Спортинг набрзина постигна два гола, па Бабиќ беше принуден да побара тајмаут при водство од само еден гол за македонскиот претставник (24-25). Среќата им го сврте грбот на ракометарите на Еурофарм Пелистер, во ист напад најпрвин Периќ, а потоа и Табоада ја погодија само рамката од голот на Спортинг, по што Фолкес донесе израмнување од 25-25 на шест минути до крајот.

Граџан изнуди исклучување, по што Мандалиниќ со прецизен шут ја врати предноста на „пелистерци“, а хрватскиот „бомбардер“ беше прецизен и една минута подоцна, па Еурофарм пелистер на две и пол минути до крајот имаше водство од 25-27. Спортинг изнуди пенал и исклучување од Табоада, домаќините реализираа за 26-27, но потоа почетнички згрешија при 26-27. И кога „пелистерци“ требаше само да ја задржат топката, и тие возвратија со почетничка грешка, по што Португалците постигнаа гол од половина терен за израмнување на десетина секунди до крајот. Македонскиот вицепрвак имаше последен напад, но Периќ биеше над гредата, па „пелистерци“ наместо заслужениот цел плен, освоија само еден бод на ова тешко гостување.

Табоада постигна седум гола и беше најефикасен во редовите на Еурофарм Пелистер, пет погодоци реализираше Мандалиниќ, а четири Божиќ Павлетиќ.

Еурофарм Пелистер во следното коло на домашен терен во Битола ќе го пречека токму Спортинг, во обид да ја забележи и четвртата европска победа во низа.

Се вчитува...