„Црна“ 2020 година – Останавме без Буштур, Ѕинго, Маки Лазовски…

Оваа 2020 година ќе остане запишана во историјата како една од најтешките од многу аспекти. Македонскиот спорт ќе ја памети и по тоа што во изминатите 12 месеци остана без лица кои оставија силна трага…

Годината почна со страшна вест за смртта на Благоја Георгиевски – Буштур, кошаркарската легенда го загуби животот во сообраќајна несреќа во Скопје, завивајќи ја во црно целокупната спортска јавност.

Покрај Георгиевски, мак-баскетот претрпе силен удар и со прераната смрт на Марјан Лазовски, поранешен селектор на машката и на женската репрезентација, човек што важеше за еден од најомилените во кошаркарските кругови во изминатите двасетина години. Битката со коронавирусот ја загуби и поранешниот тренер на МЗТ Скопје, Анте Дуковски, а за време на кампот на КФСМ животот трагично го загуби и тренерот Драган Василов – Цевка.

Фудбалот остана посиромашен за долгогодишниот претседател на ФФМ, Љубисав Иванов – Ѕинго, кој ја загуби долгогодишната борба со тешката болест. Од македонскиот фудбал животот го загуби и долгогодишниот спортски директор на ФК Вардар, Ацо Заковски – Гризли, како и долгогодишниот фудбалски работник Бранко Костадиновски. На 68-годишна возраст почина и големиот поддржувач на спортот во Македонија, Енвер Малиќи.

Долгогодишниот претседател на РК Пелистер, Благоја Стефановски, ја остави посиромашна ракометната сцена, која предвреме ја напушти и поранешниот ракометар Саше Ѓорѓески, кој во последните години ја извршуваше делегатската функција на натпреварите ширум земјата.

На листата на оние кои предвреме не напуштија во оваа 2020 година се и Здравко Христовски, Драги Димитровски, Атанас Филиповски, Златко Неделковски, Владимир Пановски, Илче Котевски, Драган Силјановски, Бранко Костадиновски

Посиромашно годинава остана и македонското спортско новинарство, по смртта на Милутин Станковиќ.

СЛАВА ИМ…

Се вчитува...