Црна Гора третпат по ред на Евробаскетот, благодарение на Германија која ги елиминираше Бугарите

Кошаркарите на Црна Гора третпат по ред обезбедија учество на Евробаскетот. Црногорците до место меѓу најдобрите на Стариот континент дојдоа благодарение на победата (94-85) на Германија над Бугарија во последното коло од квалификациите во групата Д.

Затоа, поразот на Црна Гора од Шведска од 86-83, по продолжението, немаше натпреварувачко значење. На Црна Гора и требаше победа во случај Бугарија да приреди сензација и да слави на теренот на светскиот шампион, но бидејќи тоа не се случи, поразот на избраниците на Радовиќ не беше фатален.

Црногорците на крајот избегнаа драма иако во еден момент се исплашија бидејќи Бугарија и без првите адути Саша Везенков и Коди Милер Мекинтаер успеа речиси целосно да го елиминира минусот од 27 поени. Германија го заврши полувремето со водство од 62-35 и тоа беше најубедливото водство на домашната екипа. Потоа дојде до голем пад во играта на Германија, па Бугарите со голема серија дојдоа на само пет поени негатива во последната четвртина (87-82). Сепак, Германците не дозволија да се случи сензација и бламажа пред нивните навивачи, па мирно го приведоа натпреварот до крај.

Најефикасен беше Дејвид Крамер со 14 поени, а Даниел Теис кој се врати во европската кошарка и Андреас Обст постигнаа по 12 поени. Кај Бугарите лидери беа Павлин Иванов со 17 поени, а Константин Констадинов и Димитар Димитров завршија со по 16 поени.

Се вчитува...