Црвена Звезда и десеткувана му зеде мерка на Партизан

Црвена Звезда во драматична завршница успеа да слави над Партизан со 78-79 и да се пласира во големото финале од кошаркарскиот Куп на Србија. „Црвено-белите“ значително ослабени допатуваа на овој турнир во Нови Сад ако се знае дека Радоњиќ не можеше да смета на петмина стандардни кошаркари, но АБА-шампионот и со ваков состав успеа да го земе скалпот на големиот ривал и да го симне Партизан од тронот во Купот на Србија. „Црно-белите“ имаа шут од 52% од поле, но на крајот им пресудија огромниот број загубени топки (вкупно 20) што вечниот ривал знаеше да ги казни.

Партизан го почна полуфиналето  со рафален шут од далечина, „црно-белите“ погодија шест од првите седум обиди за тројка и го контролираа резултатот во целото прво полувреме. На одмор се замина со водство на Партизан од 46-40, за потоа Црвена Звезда во првите четири минути од второто полувреме да не постигне ниту еден поен, а избраниците на Филиповски и Митев да поведат со двоцифрена предност (51-40). Младиот Ускоковиќ со тројка ја прекина серијата без поени на „црвено-белите“, по што актуелниот АБА-шампион успеа да се врати во мечот.

Во последата четвртина одговорноста во нападот ја презеде Давидовац, за Џордан Лојд да постигне среќна тројка со помош на таблата за водство на Црвена Звезда од 71-70 на помалку од четири минути до крајот. Се влезе во неизвесна завршница во која се играше кош за кош, па Јарамаз со двете слободни фрлања на 69 секунди до крајот донесе предност на Партизан од 76-75. Лојд со два „пенали“ ја врати Црвена Звезда во водство од 76-77, за потоа „црно-белите“ со голема борбеност и три офанзивни скока да изнудат прекршок по кој Томас се најде на линијата за слободни фрлања. Американецот на Партизан беше двапати прецизен за водство од 78-77, но Црвена Звезда имаше 22 секунди за последен напад.

Радоњиќ зеде тајмаут, а по него топката заврши кај Лојд, но Јарамаз почетнички направи прекршок врз Давидовац при обидот за извлекување од блок на осум секунди до крајот. Давидовац беше двапати прецизен, Црвена Звезда поведе со 78-79, а Пејџ ја загуби топката во последниот напад на „црно-белите“, за огромна радост на „црвено-белите“ и пласман во големото финале каде ги очекува дуел со Мега.

Се вчитува...