Црвена Звезда конечно победи, Недовиќ е трагичарот на Панатинаикос

Црвена Звезда конечно ја прекина серијата слаби резултати во Евролигата, по огромна битка славејќи над Панатинаикос со резултат 74-71. Дејан Радоњиќ имаше успешна „шок-терапија“ за тимот по убедливиот пораз од Игокеа, „црвено-белите“ иако ослабени поради неиграњето на Џордан Лојд го контролираа резултатот се до самиот крај на мечот. Недоволното искуство придонесе шампионот на АБА-лигата за две минути да прокоцка „плус десет“, но за среќа „црвено-белите“ имаа мирна рака од линијата за слободни фрлања, па со шест прецизни пенали во последните 60 секунди стигнаа до победата.

Трагичар на Панатинаикос на овој натпревар беше српскиот репрезентативец Немања Недовиќ, кој најпрвин загуби топка во последната минута, а потоа при последниот напад и шансата за израмнување топката му падна од раце, при што времето измина и грчкиот првак го загуби натпреварот.

Волден беше најефикасен кај „црвено-белите“ со 17 поени, новиот плејмејкер Колом постигна 13 поени, а прв стрелец на Панатинаикос беше Папапетру со 20 поени.

Фенербахче лесно и убедливо триумфираше на домашен терен против Асвел со 81-59. Францускиот првак ја доби првата четвртина со 15-19, но Фенер потоа заигра фанатично во одбраната, ги затвори приодите кон сопствениот кош и стигна до заслужена победа.  Гудуриќ се покажа како врвно засилување постигнувајќи 16 поени, исто колку и Јан Весели, додека прв стрелец на Асвел при вечерашниот пораз беше Лајти со 11 поени.

Се вчитува...