Црвена Звезда поведе во финалето, Тринкиери исклучен во последната четвртина

Црвена Звезда поведе со 1-0 во финалната серија од српскиот плејоф против Партизан, откако „црвено-белите“ вечерва ја искористија предноста на домашниот терен и триумфираа над вечниот ривал со резултат 98-94. И двата тима одиграа одличен натпревар, „црвено-белите“ водеа цел меч, гостите се враќаа, но мирната рака при шутевите од далечина на домашните играчи им ја донесе победата.

Избраниците на тренерот Томиќ во првото полувреме погодија дури десет тројки, па на одмор заминаа со водство од 48-40. Партизан се врати, но потоа поради протест на една судиска одлука тренерот Тринкиери доби две технички грешки во рок од неколку секунди и беше исклучен. Ренфро ја презеде одговорноста и предноста на домашниот состав се намали на само еден поен (83-82). „Црвено-белите“ повторно ја презедоа контролата откако Давидовац и Добриќ погодија тројки, имаа и добиен меч со „плус пет“ и напад на триесет секунди до крајот, но со тројката на Пејџ гостинскиот состав намали на само два поени разлика, на седум секунди пред финишот.

За среќа на домашниот тим, Давидовац имаше мирна рака од линијата за слободни фрлања, ставајќи печат на победата изразена со конечни 98-94. Токму Давидовац беше прв стрелец на победничкиот тим со 20 поени, пред Човиќ со 18 и Добриќ со 16 поени. Кај „црно-белите“ најефикасни беа Ренфро со 20 и Величковиќ со 18 постигнати поени.

Се вчитува...