„Црвената фурија“ триумфално мина низ Букурешт

Шпанија остана со максимален ефект и по петтото квалификациско коло за ЕВРО 2020 откако „црвената фурија“ стигна до цел плен и на гостувањето во Букурешт против Романија (1-2).

Триумфот ќе беше многу поубедлив ако Романците на голот го немаа извонредниот Татарушану, кој одбрани четири зицери во првото полувреме. На одмор сепак се замина со резултат 0-1  по пеналот на Серхио Рамос, откако Себалјос беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник. Фудбалерот на Арсенал беше во главна улога и при вториот гол за Шпанците, откако извонредно го уфрли Алба зад противничката одбрана, по што левиот бек на Барса му асистираше на Пако Алкасер.

Андоне намали на 1-2, „фуријата“ последните десет минути ги одигра со фудбалер помалку по исклучувањето на Љоренте, но сепак успеа да спречи израмнување на домашната селекција благодарение на голманот Кепа и неговата одлична интервенција во судиското продолжение.

На останатите натпревари, БиХ славеше со 5-0 над Лихтенштајн, Данска триумфираше со 0-6 на гостувањето против Гибралтар, а Финска го доби дуелот со Грција со 1-0 со голот од пенал на Пуки.

Ирска и Швајцарија ремизираа 1-1, гостите први поведоа во 76. минута преку Шар, но Ирците собраа сили за израмнување преку Мекголдрик на пет минути до крајот на натпреварот.

Се вчитува...