„Црвено-црна машинерија“ го здроби ППД Загреб: Вардар веќе во четвртфинале на ЛШ!

Вардар е безмалку речиси сигурно во четвртфиналето од Лигата на шампионите откако во првата осминафинална пресметка убедливо со 18-27 (6-14) славеше на гостувањето против ППД Загреб.

„Црвено-црната машинерија“ беше незапирлива во арената во Загреб од првите минути на дуелот покажувајќи кој е кој во моментов во Европа. Со три едноподруго голови на незапирливиот Криштопанс, Вардар поведе со 0-3 од стартот од потоа одржуван и од одличниот Милосављев на голот постојано ја зголемуваше предноста за убедлива предност на полувремето од 6-14.

Во неколку наврати домашните се обидуваа да фатат приклучок ни никако не успеваа во тоа. И покрај и одбраните на Ристановиќ на почетокот од второто полувреме кои носеа надеж за ППД Загреб, сепак никој и ништо не можеше против расположените „вардарци“. Натпревар со тотална доминација на македонскиот шампион кој не ги остави Хрватите ниту да дишат.

 

Во 51. минута од мечот Вардар дојде и до најголемата предност од 15-25 што значеше и тотален дебакл за хрватскиот шампион кој не знаеше каде се наоѓа на паркетот, и покрај огромната поддршка која ја имаше од своите навивачи од трибините. Но, Криштопанс, Карачиќ, Дибиров, Дисинѓер никој не можеше да ги запре.

Феноменален на голот на Вардар беше Милосављев со 14 одбрани (45% успешност) кој го понесе и епитетот – играч на мечот. Најефикасни кај „црвено-црните“ со пет погодоци беа Криштопанс и Карачиќ, а четири имаше Мораеш.

Сега реваншот во Скопје треба да биде само рутина за Вардар на патот кон четвртфиналето во најквалитетното европско клупско натпреварување затоа што никој не може да ја покрие очигледноста дека овие два тима се два сосема различни ракометни света!

Се вчитува...