„Црвено-црни“ милионери – Вардар добро ќе го наплати триумфот над Малме

Долго чекавме и конечно дочекавме – еден македонски првак да ја мине првата пречка во квалификациите од ЛШ и со самото тоа да си обезбеди нешто подолга летна европска авантура. Вардар го заслужи тоа со одличниот настап против Малме, а „црвено-црните“ воедно и одлично ќе го наплатат овој фантастичен успех.

Самиот пласман во следната квалификациска рунда носи речиси 600.000 евра од УЕФА, а победата над Малме значи и нови најмалку четири европски средби, дополнителни приходи од ТВ права, продажба на билети и маркетинг.

Следен на патот на „вардарци“ е данскиот првак ФЦ Копенхаген, а дури и во случај на елиминација од оваа екипа, „црвено-црните“ ќе инкасираат 400.000 евра. Згора на тоа, поразот не би бил крај на европската авантура бидејќи сите екипи кои ќе бидат елиминирани во оваа фаза од ЛШ се селат во квалификациите за Лигата на Европа.

Таму избраниците на Седлоски би играле за место во групната фаза, победа би значела историски пласман на еден македонски тим во групите за Лигата на Европа, а дури и во случај на пораз Вардар би добил нешто повеќе од 200.000 евра од УЕФА за оваа рунда.

Во најдобар случај, пласманот во групната фаза на Лигата на шампионите би донел загарантирани 12 милиони евра, плус бонуси за секој освоен бод во ЛШ, додека учеството во групите од Лигата на Европа носи загарантирана сума од 2,6 милиони евра.

Успехот во фудбалот одлично се наплаќа, а на „вардарци“ е да ја продолжат оваа своја бајка и добро да заработат, за потоа да бидат уште посилни во сезоните што следат.

Се вчитува...