ЦСКА Москва се збогуваше од Аврамовиќ, доаѓа ли Нено Димитријевиќ?

ЦСКА Москва ќе биде во потрага по нов плејмејкер за наредната сезона откако рускиот гигант денеска и официјално ја потврди разделбата од Алекса Аврамовиќ.

Српскиот репрезентативец пристигна минатото лето од Партизан и се наметна како еден од лидерите во тимот, помагајќи ЦСКА да се закити со титулата во ВТБ-лигата. Сепак, откако пристигна богатата понуда од Дубаи челниците на ЦСКА решија да дадат зелено светло за трансферот на Аврамовиќ во новиот евролигаш.

„Алекса Аврамовиќ завршува со играњето во ЦСКА поради трансфер ов друг клуб. Алекса беше еден од клучните играчи во нашиот тим, имаше просек од 12,1 поен и 3,3 асистенции на 56 одиграни натпревари, за просечни 20 минути по натпревар“, објави ЦСКА.

Ненад Димитријевиќ е главната желба на рускиот гигант за нов плејмејкер, откако Македонецот две сезони блескаше во ВТБ-лигата како член на Уникс. Нашиот плејмејкер е подготвен за нов трансфер откако не доби шанса каква што заслужува во Олимпија Милано, ЦСКА во моментов делува најзагреано за негов потпис, па останува во наредните неколку седмици да видиме дали Димитријевиќ ќе се врати назад во Русија за продолжување на својата кариера.

Се вчитува...