Тухел почна со флертот: Нејмар заслужува посебен третман, тој е роден уметник

Томас Тухел се соочува со сериозна опасност да го навлече бесот на поголемиот дел од првотимците на ПСЖ откако на својата прва официјална прес-конференација обелодени дека Нејмар ќе има посебен третман и кај него како што тоа беше случај и кај Унаи Емери. Токму односот на Емери кон Нејмар беше причина речиси сите првотимци да ја загубат довербата во шпанскиот стратег, што на крајот доведе до негов отказ, но Тухел продолжува по стапките на својот претходник, како приоритет поставувајќи да стори се што може за Бразилецот летово да остане на „Паркот на принцовите“, наместо да се пресели во Реал Мадрид.

„Се сретнав со Нејмар минатата седмица, тоа беше многу позитивна средба Тој е уметник, еден од најдобрите во светот. Уметниците се посебни фудбалери, тие заслужуваат посебен третман. Ако најдеме начин да изградиме структура околу него, ќе може да го покаже сиот свој талент на теренот“ – изјави Тухел.

Ваквиот став на новиот тренер значи и сигурно заминување на Единсон Кавани, кој во текот на целата сезона имаше недоразбирања со Бразилецот.

Се вчитува...