Неколку клучни турски репрезентативци наводно одбиваат да играат за селекцијата под водство на Серген Јалчин, кој наскоро и официјално треба да биде промовиран на селекторската функција во Турција.
Сето тоа поради тоа што Јалчин силно ги критикувал изминаатиов период кога работеше како телевизиски коментатор.
Според информациите на новинарот Серџан Хамзаоглу, неколку стандардни првотици ги игнорирале повиците на Јалчин и неговиот тим. Хамзаоглу објасни дека е лично запознаен со ситуацијата и ги пренесе причините за таквата реакција на фудбалерите.
„Бев во центарот на важна приказна поврзана со репрезентацијата. Серген Јалчин и неговиот помошник телефонски бараа двајца или тројца стандардни играчи, но овие не сакаа да им одговорат. Причината лежи во многу острите изјави што Јалчин ги даде за истите тие играчи кога беше телевизиски коментатор“, рече Хамзаоглу.
Новинарот, исто така, ја објави изјавата на еден од репрезентативците:
„Нема да му се јавувам на телефон. Тој не постои за мене. Што ако стане тренер? Човекот што ме нападна на таков начин на телевизија не може да биде мој тренер.“
Реакција на Турската фудбалска федерација
Во меѓувреме, Турската фудбалска федерација (ТФФ) ги негираше извештаите за проблеми во комуникацијата меѓу Серген Јалчин и дел од националниот тим. Претседателот на здружението, Ибрахим Хаџиосманоглу, објасни зошто го избрал Јалчин и нагласи дека верува во неговата човечност, карактер и фудбалска интелигенција.
ТФФ, исто така, објави дека свеченото потпишување на договорот со новиот тренер ќе се одржи утре во 14 часот.
Јалчин потврди четиригодишен договор
Самиот Серген Јалчин, кој треба да стане нов селектор, потврди дека ја презема функцијата. Тој објави дека е договорена четиригодишна соработка, а како цели ги наведе Европското и Светското првенство. Според информациите, страните постигнале принципиелен договор, додека официјално соопштение се очекува по утрешниот состанок на управниот одбор на здружението.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
