Тутоспорт: Погба од јануари во Јувентус

Заврши преодниот рок во Европа, Пол Погба остана во Манчестер јунајтед, но не престануваат шпекулациите дека францускиот ас ќе си замине од „Олд трафорд“. Според италијанскиот весник „Тутоспорт“, Французинот е сериозно заинтересиран за преселба во Јувентус, а неговиот поранешен клуб е подготвен да преговара со „црвените ѓаволи“ за веќе во јануари да го врати Погба во црно-белиот дрес.

Причината е добро позната, нарушените односи на Погба со Жозе Мурињо кои се опишуваат како непоправливи. „Специјалниот“ во јавноста се обидува да прикаже дека конфликтот е надминат, но извори блиски до фудбалерот тврдат дека Погба се уште е максимално разочаран. Тој смета дека не ја добива неопходната слобода во играта за да може да го дава својот максимум, па иако не му беше дозволено летово да ги смени клупските бои, се надева дека тоа би можело да се случи на самиот почеток од 2019 година.

Јуве е подготвен да плати 100 милиони евра, „ѓаволите“ најверојатно ќе бараат најмалку 30 милиони повеќе, па останува да се види дали овие два европски гиганти ќе најдат заеднички јазик за Погба да се врати назад во Торино.

Се вчитува...