У19 – Разочарување на стартот од квалификациите: Пораз од Летонија (1-2)

Разочарувачки старт на селекцијата до 19 години во УЕФА елитните квалификации за пласман на ЕП 2018. Избраниците на Вујадин Станојковиќ на игралиштето на тренинг центарот „Петар Милошевски“ загубија од Летонија со 1-2 (0-1) во првиот натпревар од квалификациската Група 2.

Македонија, предводена од Елмас, Митровски, Чурлинов, Тодоров…, не успеа да ги оправда очекувањата на домашната фудбалска јавност доживувајќи пораз од Летонија во меч во кој противникот успеа да ги искористи своите шанси за заслужено да дојде до триумф.

И покрај тоа што во првиот дел македонската репрезентација ја диктираше играта, имавме и неколку можности кои не успеавме да ги искористиме, сепак Летонците беа тие кои стигнаа до предноста со голот на Самоиловс во 42. минута.

Во второто полувреме Летонија се чини ги разреши сите дилеми околу победникот на мечот во 56. минута со извонредниот погодок на Самоиловс кој ефектно стрелаше од околу 20 метри…

До крајот македонските фудбалери не успеаја да создадат посериозни шанси се до 88. минута кога во противничкиот шеснаесетник беше срушен Елиф Елмас. Прецизен од белата точка беше Митровски за конечни 1-2.

Залудни на крајот останаа и статистичките показатели и фактот дека Македонија заврши со дури 20 шута кон противничкиот гол од кои 8 во рамките на голот на Летонците, наспроти противникот кој имаше само пет шута кон голот на Стевковски. Но, на крајот стигна до победата.

Во вториот натпревар од нашата квалификациска група Англија со пресврт славеше против Унгарија со 4-1 (0-1).

Во следното коло, во сабота (24. март), Македонија ќе се соочи со селекцијата на Унгарија.

Се вчитува...