Убедлив триумф на КЛ7, Крстевски го предводеше Работнички до победа над Младост

Домаќините КЛ7 и Работнички триумфираа на денешните натпревари од ракометната Супер-лига во која за противници ги имаа Јуниор Кисела Вода и Младост Богданци.

Младиот состав на КЛ7 одигра извонреден натпревар против Јуниор, заслужено триумфирајќи со убедливи 30-18. Победата беше осигурана уште во првото полувреме што избраниците на Андон Бошковски го добија со 15-7, предност што дополнително ја зголемија до крајот на средбата. Стојков со седум и Гучески со пет погодоци беа најефикасни во победничкиот тим, додека прв стрелец во таборот на Јуниор при денешниот пораз беше Барјактаревиќ со девет погодоци.

Работнички и покрај фуриозното прво полувреме за малку ќе направеше „од готово вересија“ на дуелот со Младост (35-32). Домаќините заминаа на одмор со водство од 17-8, но гостите од Богданци се вратија и на десет минути до крајот намалија на само два гола разлика (28-26, 29-27, 30-28). Избраниците на Столе Петрушевски го издржаа завршниот налет на Младост, па на крајот заслужено триумфираа со конечни „плус три“. Стефан Крстевски беше главна фигура на овој натпревар со 13 постигнати погодоци, шест постигна Ќосевски, додека кај Младост најефикасен беше Димитров со девет, пред Роглев со шест гола.

Се вчитува...