Убедливо и победнички против Мароко, настапот на СП го завршуваме против Јужна Кореја

Ракометната репрезентација на Македонија ја забележа и втората победа на СП 2023, славејќи над селекцијата на Мароко со убедливи 40-25. „Црвено-жолтите“ беа подобар противник во текот на сите 60 минути и заслужено стигнаа до убедлив триумф кој им го носи второто место во групата во „Президент купот“, по што нашата селекција задутре ќе го заврши својот настап на ракометниот мундијал, со дуел за 27. место на СП против репрезентацијата на Јужна Кореја.

Селекторот Лазаров направи неколку промени во составот, Гоце Георгиевски воопшто не беше во комбинација, на голот шанса доби Томовски, а на лево крило стартуваше Петар Атанасијевиќ пред Манасков. Брзиот напад беше наш заштитен знак од самиот почеток, максимално користејќи ги грешките на противникот за водство од 5-2 по само шест минути игра. Крилата Костески и Атанасијевиќ лесно реализираа од контранапади и Македонија набрзина поведе со 6-2, резултат при кој мароканскиот селектор побара тајмаут. Атанасијевиќ веднаш по тајмаутот погоди за 7-2, но веднаш потоа следеа серија грешки на нашите ракометари, што Мароканците го искористија за на половина од полувремето да намалат на 8-6.

Мароканците се обидоа со далеку поагресивна дефанзивна зона да ја исфрлат од ритам нашата репрезентација. Во нападот наоѓавме решение, но во одбраната се повеќе се мачевме, па Мароканците ја одржуваа негативата на два гола (12-10, 13-11). Штом повторно профункционира одбраната, веднаш и предноста се зголеми, па со голот на Петров Македонија повторно стигна до „плус пет“ (16-11). Финишот од полувремето мина во знакот на македонските ракометари, кои на одмор заминаа со водство од 18-12.

Вториот дел почна во сличен стил како што заврши првиот, Македонија по изнудени грешки на противникот стигна до два лесни гола и преку Костески и Ѓоргиев зголеми на 20-12. Грешките на Мароканците продолжија, па Ѓоргиев со својот втор гол го донесе и првото двоцифрено водство на нашата селекција (22-12). Мароко првиот гол во второто полувреме го постигна дури во 39. минута, намалувајќи на 34-23. Петар Атанасијевиќ делуваше импресивно во нашиот напад, па со седмиот погодок на левото крило на Еурофарм Пелистер Македонија поведе со 32-18, за една минута подоцна Костески да погоди уште двапати за краток период (6/6) од контранапад, за уште поубедливи плус 16 за нашата селекција (34-18). Удобното водство беше задржано до самиот крај, кога Филип Кузмановски биеше прецизно за 40. гол на Макеоднија на натпреварот, за конечни 40-25.

Кузмановски беше најефикасен во македонскиот национален тим со осум гола, еден помалку постигна Петар Атанасијевиќ, додека со шест гола мечот го заврши Костески.

Се вчитува...