УЕФА го објасни ВАР: Еве зошто беше пенал за Јунајтед и немаше аут за Реал

По комплетирањето на првите четири осминафинални средби кои предизвикаа бурни реакции на одредени судиски одлуки, денеска со соопштение се огласи УЕФА, објаснувајќи ги одлуките донесени при консултација со ВАР-технологијата.

Европската куќа на фудбалот објави дека Словенецот Скомина бил во право досудувајќи пенал за Манчестер Јунајтед во Париз, образложувајќи ја одлуката:

– По прегледување на видео-снимката ВАР му предложи на судијата повторно да ја погледне ситуацијата поради играње со рака, бидејќи главниот арбитар не го забележа инцидентот во моментот на шутот. Судијата оцени дека растојанието меѓу местото на шут и местото на удирање на топката со рака не е мало за фудбалерот да не може да реагира. Исто така, раката на фудбалерот не беше блиску до телото, спречувајќи ја топката на пато кон голот. Судијата затоа оправдано покажа кон белата точка.

УЕФА ја објасни и ситуацијата пред третиот гол на Ајакс, кога долго беше разгледувано дали на почетокот од акцијата имало аут за Реал Мадрид.

– Ситуацијата беше разгледувана од најразлични агли, од сите можни камери што беа на стадионот, но не можеше со стопроцентна сигурност да се утврди дека топката ја мина аут-линијата. Помошниот судија беше идеално позициониран во текот на акцијата, тој во даден момент реши дека топката не завршила во аут. Главниот судија беше во право што не интервенираше и го призна голот.

Рома бурно реагираше на судиската неправда по недосудениот пенал над Патрик Шик во последната минута од продолжението, но УЕФА и овојпат застана на страна на арбитрите.

– Судијата имаше добар преглед на акцијата и оцени дека немало прекршок. Без оглед на првичната одлука, тој го одложи продолжението на акцијата за да им даде дополнително време на ВАР-арбитрите да ја разгледаат ситуацијата од различни агли. Сепак, тоа не даде конкретен доказ за прекршок, поради што воопшто не беше побарано од главниот судија самиот да ја разгледа ситуацијта на повторена снимка.

 

 

Се вчитува...