УЕФА најави тужба против 12-те богаташи и бара отштета од – 50 милијарди евра!

УЕФА упати уште една закана до сите кои го поддржуваат проектот за новата фудбалска лига, па откако 12-те богаташи од фудбалската аристократија најавија формирање на приватна Суперлига, а ниту еден член од овие клубови синоќа не беше ни на состанокот на Европската клупска асоцијација (ЕКА), УЕФА се закани со ригорозни санкции, па веќе е започната процедура и за тужба во која ќе се бара – астрономска отштета.

Примамливата сума за секој учесник од 350 милиони евра или четирипати повеќе од тоа што Баерн Минхен како последен европски првак севкупно го заработи лани во Лигата на шампионите е една од причините за одметнувањето на фудбалските великани, иако УЕФА, а и сите пет најсилни лиги, како и најголем дел од легендите го осудија ова однесување, со кое се ризикува тотален расцеп на европскиот фудбал и почеток на крајот на „убавата игра“ каква што ја паметиме.

И во хаосот што допрва што веројатно ќе следува, а доаѓа во предвечерието на најавената одлука околу реформите во ЛШ, кои требаше да ја спречат оваа Суперлига, е најавата на „Газета дело Спорт“, дека во Нион е започната постапката за тужба против одметниците во консултација со сите лиги и национални федерации, во кои ќе се бараат огромни 50 до 60 милијарди евра, затоа што ќе се уништи еден комплетен систем.

Како УЕФА и на која основа ќе ги тужи клубовите засега не е познато, но денеска има состанок Извршниот комитет на УЕФА, а утре е редовниот Конгрес.

Од ЕКА и европскиот фудбал со најава за приватна Суперлига се одметнаа пет англиски клубови, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Арсенал, Челси и Тотнем и по три шпански и италијански екипи, Барселона, Реал Мадрид и Атлетико Мадрид односно Јувентус, Интер и Милан. Засега не е точно потврдено дали и Манчестер сити е дел, иако е веќе споменат во оваа група на одметници.

Суперлигата беше планирана со 18 до 20 клубови поделени по американски систем по 10 екипи во дивизија, а првите четири ќе играат четвртфинале. Зад ова стои мултинационалниот инвестициски фонд „Џи-Пи Морган“ со шест милијарди евра.

Се вчитува...