УЕФА немоќна: Данска им забрани на руските навивачи да дојдат во Копенхаген!

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека руските навивачи на „зборнаја“ нема да може да допатуваат во Копенхаген и покрај притисокот што го направиле од Нион врз оваа скандинавска земја, зашто државните власти не пуштаат никого кој е надвор од Европската унија, освен тие чиј претстој е нужен и неопходен.

Руските навивачи кои имаат билети сепак нема да може да ја гледаат својата селекција во групата Б во пресметката со Данска, а УЕФА падна на првиот испит откако реши Европското првенство да го направи возбудливо доживување за навивачите во секој од 11-те градови кои го организираат овој континентален шампионат.

Фудбалскиот сојуз на Русија посочи дека е „многу загрижен“ за одлуката на данските власти, посебно откако Русија од поодамна објави дека нема да прави никакви проблеми за доаѓање на навивачи од странство на мечевите во Санкт Петербург, а дури и ептен го олеснија начинот за влез во земјата.

Пресметката Данска – Русија е во третото коло, а во оваа група уште се и Белгија и Финска.

Се вчитува...