Првиот натпревар од 3. квалификациско коло за Лигата на шампионите меѓу Вардар и Копенхаген кој се игра на 25. јули од 20 часот на „Телеком арената“ во Скопје, е прогласен од страна на УЕФА за натпревар од висок ризик, информираат од канцеларијата на македонскиот шампион.
Поради несаканите случувања на трибините на дуелот против Малме во Струмица, УЕФА се одлучи под засилен мониторинг да го следи натпреварот против Копенхаген. Токму поради тоа, од ФК Вардар уште еднаш апелираат за фер и коректно навивање.
„Уште еднаш апелираме на фер и коректно навивање без навреди и национализам. Заштитете го тимот од дополнителни санкции од УЕФА, која што ни овозможи да го играме овој натпревар на нашиот стадион“ – апелираат од ФК Вардар.
Како што е познато, за натпреварот ќе бидат пуштени единствено Јужната и Западната трибина. Имателите на влезници со блоковите 1, 2 и 3 на јужната трибина, влегуваат на влезот помеѓу јужната и западната трибина. Истото се однесува за оние кои имаат билети за западната трибина. Оние кои поседуваат билети со блоковите 4, 5 и 6, влегуваат на спротивникот влез, односно помеѓу јужната и источната трибина.
„Ги молиме сите кои ќе присуствуваат на стадионот, да стигнат порано за да се избегнат големите гужви на стадионот. Вратите на стадионот ќе бидат отворени од 18 часот, а по наредба на УЕФА ќе треба да се затворат во 19:30 часот. Исто така Ве замолуваме да не носите со себе чанти, тврди предмети, парички, запалки, во спротивно ќе Ви бидат одземени на самиот влез на стадионот“ – повикуваат од ФК Вардар.
Билетарницата на „Телеком Арената“ ќе работи во понеделник и вторник од 12 до 19 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА