Украина службено ги губи натпреварите од квалификациите?

Фудбалската репрезентација на Украинa може да остане без четирите освоени бода во првите два натпревари од квалификациите за Европското првенство 2020, пишува францускиoт весник „Л’Екип“. Причина за ова е настапот на Бразилецот со украински пасош, Жуниор Мораеш, кој според пишувањето на „Л’Екип“ нема право да го носи дресот на Украина.

Во синоќешниот квалификациски дуел против Луксембург, кој Украина го доби со 2-1, натурализираниот украински фудбалер Жуниор Мораеш го одигра цел меч. Тој претходно настапи и на првиот дуел против Португалија, на кој Украинците ремизираа 0-0.

Според правилата на ФИФА (страна 71), фудбалерот може да стекне ново државјанство ако континуирано пет години живее на таа територија, по навршувањето на 18 години. Жуниор Мораеш живее во Украина само четири години и осум месеци, пред да замине во Кина, за потоа повторно да се врати во Украина.

ФИФА на почетокот на следната седмица ќе отвори официјална истрага за случајот Мораеш, по што ќе биде познато дали селекцијата предводена од Андриј Шевченко ќе остане без освоените четири бода.

Се вчитува...