Арпад Велики. Легендарниот Штербик по седми пат ќе биде учесник на завршниот турнир од ракометната Лига на шампиони во Келн, со што се израмнува со рекордерот Доминик Клајн. Оваа сезона, Арпад Штербик доаѓа како адут на Веспрем. Унгарскиот тим четврти пат во последните пет години е на Ф4, во надеж дека конечно ќе се искачи на тронот, а 39-годишниот голман повторно ќе биде последна пречка за ривалите.
Интересно, Штербик своите претходни три титули пред онаа со Вардар (2006, 2008, 2009) ги освои со тројца од тренерите кои се дел од овој фајналфор турнир. Во Сиудад Реал тој соработуваше со Давид Дејвис и со Талант Душебајев, а дел од овој шпански ракометен гигант беше и актуелниот стратег на „вардарци“, Роберто Парондо.
Штербик, како и сите ние во Македонија, вечно ќе ја памети 2017 година, кога со Вардар се искачи на кровот на ракометна Европа. „Црвено-црните“ и оваа година ќе бидат дел од завршниот ракометен клупски спектакл, а во полуфиналето ќе го одмерат силите со Барселона, според најавите, најголем фаворит за освојување на пехарот во „Ланксес арена“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА