УО на РФМ: Премии од 40.000 евра за репрезентативците, помош и за женската лига

Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија ја информираше јавноста за најновите одлуки донесени согласно Член 3 точка 11 “Одлука без присуство” од Законот за здружение и фондации (Сл. весник на РМ бр. 52 од 16.04.2010 год.). РФМ реши повторно да ги награди ракометарите за одличните настапи во квалификациите, па селекторот Раул Гонзалес и неговите избраници ќе поделат 40.000 евра за обезбедниот пласман на ЕП 2018 во Хрватска.

Воедно, раководството на РФМ продолжува со сериозно помагање на женската лига, чии клубови се соочуваат со сериозни финансиски клубови.

Управниот одбор на РФМ ги донесе следниве одлуки:

1. Ракометната Федерација на Македонија ќе и додели премија во вредност од 40.000 евра на машката сениорска репрезентација, за пласманот на ЕП Хрватска 2018.

– Македонија обезбеди пласман за ЕП Хрватска 2018 , заклучно нерешениот исход над Украина во Суми и победата над Чешка во Скопје, во рамки на последните две кола од квалификацискиот циклус, со што се пласираше на првата позиција во квалификациската група и обезбеди место во вториот шешир за извлекувањето на групите за ЕП Хрватска 2018. Ова е петти обезбеден пласман за македонските сениори на големите континентални натпреварувања и вкупно десетти заедно со Светските Првенства.

2. Ракометната Федерација на Македонија донесе одлука сите клубови во Женската сениорска лига на Македонија да бидат ослободени од исплата на судиски и делегатски такси во систем на натпревари на РФМ, почнувајќи од сезона 2017/18. Единствен трошок на клубовите за учество во Женската сениорска лига остануваат патните трошоци за службените лица.

– Минатата сезона 2016/17, РФМ комплетно ги превзема трошоците за судиските и делегатските такси на сите клубови од младите категории (Младински, Кадетски и Пионерски лиги во машка и женска конкуренција), а почнувајќи од наредната сезона 2017/18, РФМ ќе ги покрие таксите за службените лица и на клубовите од Женската сениорска лига.

Одлуките стапуваат на сила Веднаш, а ќе бидат верификувани на следниот УО.

Се вчитува...