Уште не е готово – Буфон има нови рекорди за уривање

Џанлуиџи Буфон имаше неславен крај на репрезентативната кариера откако Италија не успеа да се пласира на СП 2018, па сега искусниот чувар на мрежата ќе се фокусира на клупските обврски до крајот на сезонава, кога и официјално ќе ја заврши својата фантастична кариера.

Пред него се нови рекорди за уривање, со кои Буфон уште повеќе би си го зацврстил статусот на легенда на италијанскиот фудбал. Буфон моментно има 627 натпревари во Серија А, дваесет помалку од легендарниот Паоло Малдини. Ова значи дека доколку голманот на Јуве настапи на 21 од преостанатите 26 средби на „старата дама“, тој ќе стане апсолутен рекордер и по бројот на настапи во елитнот италијанско фудбалско друштво.

Воедно, Буфон ќе се обиде да стане и фудбалер со најмногу скудета во историјата. Тој десет пати се има радувано на шампионскиот пехар, но официјалната бројка е осум поради одземените титули на Јувентус во 2005 и 2006 година. Така, Буфон во моментов е израмнет со Бепе Фурино, Џовани Ферари и со Вирџинио Росета со по осум шампионски трофеи, но со титула сезонава тој би бил на врвот и на оваа „вечна ранг-листа“.

Тој веќе го поседува рекордот за голман со најмногу настапи, најдолга серија без примен гол (974 минути) и најдолга серија натпревари без примен погодок (десет средби). Еден рекорд што Буфон сигурно нема да урне е оној за најмногу настапи во дресот на Јувентус, тој досега има 705, дури 70 помалку од Алесандро дел Пјеро.

Се вчитува...