Валенсија тргна по Столе Димитриевски

Одличните игри на Столе Димитриевски сезонава на голот на Рајо Валјекано придонесоа македонскиот ас да го привлече вниманието на шпанската фудбалска јавност, па интерес за услугите на нашиот репрезентативец веќе покажа раководството на Валенсија. „Лилјаците“ најверојатно нема да обезбедат учество во ЛШ, што ќе значи и намалување на буџетот за наредната сезона, а еден од првите кои ќе си заминат се очекува да биде голманот Нето, проценет на 18 милиони евра.

Челниците на Валенсија уште пред повеќе од еден месец го „пикирале“ Димитриевски како можен наследник, испраќајќи скаути на последните натпревари на Рајо Валјекано. Така, директорот на клубот, Пабло Лонгорија, бил присутен на трибините на дуелот меѓу Леганес и Рајо. Според шпанските медиуми, и покрај поразот на Рајо Валјекано од 2-1, претставникот на Валенсија бил задоволен од изданието на Димитриевски, давајќи зелено светло да продолжат да се следат настапите на Македонецот уште извесно време, пред да биде испратена официјална понуда.

Мадридскиот клуб неодамна потпиша договор со Димитриевски на три и пол години, па доколку Валенсија тргне во офанзива, се очекува Рајо да бара околу пет милиони евра за услугите на Македонецот.

Се вчитува...