Валон Ахмеди – ново име во Шкендија

Шкендија денеска се пофали со своето најново засилување, албанскиот интернационалец Валон Ахмеди, кој потпиша договор на три и пол сезони со „црвено-црните“ од Тетово. Станува збор за офанзивен фудбалер за врска, кој пристигнува од хрватскиот прволигаш Интер Запрешич. Ахмеди претходно има настапувано и за Кирјат Шмона во Израел, како и за Марибор и Целје во Словенија, но и за италијанскиот нисколигаш Судтирол, каде ја почна професионалната кариера.

Тој има настапувано за младинските селекции на Албанија, а зад своето име има и два натпревари за албанската А-репрезентација.

„Пресреќен сум. Сакам да им се заблагодарам на сите во Шкендија за топлото добредојде, за професионализмот и за довербата што ја имаат во моите фудбалски квалитети. Знам дека доаѓам во голем клуб и можам да ветам дека со максимална работа на тренинзите и натпреварите ќе ја оправдам довербата“ – изјави Ахмеди по потписот на договорот.

Тој ќе се појави на првиот собир на тетовскиот клуб во 2020 година, закажан за утре.

Се вчитува...