Ван Дајк останува без куќа поради Солскјер

Оле Гунар Солскјер потпиша нов договор со Манчестер Јунајтед и уште долго ќе остане на „островот“, што само по себе е лоша вест за Вирџил ван Дајк. Имено, дефанзивецот на Ливерпул ќе мора што поскоро да си најде нов дом, бидејќи досега живееше во куќата што беше сопственост на Норвежанецот.

Солскјер ја купи куќата уште за време на своите играчки денови, а по завршувањето на кариерата таа беше изнајмувана од неколку различни фудбалери. Ван Дајк по трансферот во Ливерпул за свој дом ја избра токму таа куќа, во период кога никој не веруваше дека Оле Гунар би можел да се врати назад во Манчестер. Норвешкиот стратег дојде на привремен договор, па не сакаше да го раскине договорот со Холанѓанецот, но сега кога потпиша долгорочно со Јунајтед за него веќе нема дилеми.

„Осум години живеевме во Норвешка, ова ќе биде промена за моето семејство, но едвај чекаме пак да бидеме заедно. Се договоривме во овие први месеци да останам сам во Манчестер, додека не видиме како ќе се одвиваат работите. Сега кога е јасно дека останувам, нема дилеми, ќе се вселиме во нашиот заеднички дом. Куќата ја изградивме во 2007 година, па сега – 12 години подоцна, е време да живееме во неа“ – истакна Солскјер.

Се вчитува...