Ван Гал без влакна на јазикот: СП во Катар, ајде да не се лажеме…

Холандскиот селектор Луј ван Гал жестоко ги критикуваше челниците на ФИФА за одлуката наредниот фудбалски мундијал да се одржи во Катар.

Според искусниот стратег, празни зборови се коментарите дека тоа се прави за интерес на фудбалот, кога вистината е сосема поинаква.

„Аргументите дека ќе го организираме најголемиот турнир што постои во некоја земја само за да го развиваме фудбалот таму… па тоа што го зборува ФИФА е смешно. Ајде да не се лажеме, единствена причина што ќе играме во Катар се парите и комерцијалните интереси. Тоа е единствената работа за која размислуваат во ФИФА. Што мислите, зошто никогаш не добив покана да бидам во комитетот на ФИФА кој носи вакви одлуки. Затоа што секогаш го велам она што го мислам, што сум против такви работи какви што се случуваат во светската фудбалска федерација“, истакна Ван Гал.

Екс-стратегот на Ајакс, Барселона и Манчестер Јунајтед ги потврди гласините дека по завршувањето на СП ќе се повлече од функцијата и ќе му го препушти своето место на Роналд Куман.

„Сосема разумно е да се разговара со Куман за преземањето на репрезентацијата. Пред една година реков дека јас сум единствениот со потребното искуство да ја води репрезентацијата. Тогаш тој беше тренер на Барселона, но сега тој е без ангажман и истото што лани го кажав сега се однесува на него. Тој е идеалниот кандидат за мој наследник“, порача Луј ван Гал.

Се вчитува...