Варан на 29 години е „ментално и физички исцрпен“ да игра за Франција

Рафаел Варан донел одлука да ја заврши репрезентативната кариера по крајот на СП 2022 во Катар, за што веќе го известил и селекторот Дидие Дешамп. Информацијата прв ја објави весникот „Паризиен“, а подоцна ја пренесоа речиси сите француски медиумите, потврдувајќи дека „триколорите“ ќе останат без фудбалерот кој со години наназад беше лидер на дефанзивната линија во националниот тим.

Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед има само 29 години и му претстои уште долга кариера, но Варан порачал дека е „ментално и физички исцрпен“ за да продолжи да игра за репрезентацијата и сака во следните години да се фокусира само на клупските ангажмани. Дешамп му излегол во пресрет на ваквото барање, па се очекува Франција во иднина во дефанзивата да биде со екс-тандемот на Лајпциг, Упамекано – Конате, играчи кои сега настапуваат за Баерн Минхен, односно Ливерпул.

Рафаел Варан заминува во репрезентативна пензија со два важни освоени трофеи, оној од СП во Русија во 2018 и од Лигата на Нации во 2021 година. Тој настапи на 93 натпревари за „триколорите“ постигнувајќи и пет погодоци.

Се вчитува...