ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Стеван Цаневски, Билјана Б. Петрушева, Игор Паневски
Македонските ракометари денеска околу пладне ќе го напуштат хотелот „Панорама“ и ќе тргнат за Вараждин, но поголемиот дел од навивачите кои ги бодреа нашите репрезентативци ќе останат во Загреб. Причина се малите сместувачки капацитети во новиот град-домаќин на Македонија, кои веќе се зафатени од страна на навивачите на селекциите од групата Д што се играше во Вараждин (Данска, Чешка, Шпанија), поради што членовите на „фалангата“ ќе патуваат по 200 километри (околу сто во еден правец) за да ги бодрат своите миленици.
„Сме патувале и многу повеќе за да им дадеме поддршка, а сега таа ќе им биде најнеопходна. Остануваме во Загреб во слободните денови, а на деновите на натпреварите ќе патуваме за Вараждин“ – откриваат македонските навивачи.
Во најава е македонска навивачка инвазија од нашата држава за неделниот дуел со Шпанија, по што голем дел од тие фанови исто така ќе се сместат во Загреб или во некој од околните градови во близина.
Почната е и трката по влезници, добра вест за нас е што Унгарија е елиминирана бидејќи оваа селекција ќе имаше најбројни навивачи, па сега „фалангата“ заедно со словенечките фанови сигурно ќе доминира во Вараждин.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА