Вардар до нов куп-трофеј, Еурофарм немаше сили за камбек

Вардар стигна до својот 14. трофеј во Купот на Македонија откако попладнево во големото финале го совлада Еурофарм Пелистер со резултат 26-24. „Вардарци“ одиграа одличен меч, од почеток до крај го контролираа резултатот и на крајот заслужено се радуваа на победата иа на пехарот. „Пелистерц“ дадоа се од себе, но не успеаја да го надополнат отсуството на најдобар ракометар, Стипе Мандалиниќ, кој не можеше да настапи денеска по повредата заработена во полуфиналната пресметка со Бутел.

„Црвено-црните“ од самиот почеток наметнаа силно темпо, со цврста одбрана го контролираа резултатот, па Жељко Бабиќ веќе во 9. минута беше принуден да го побара првиот тајмаут при водство на Вардар од 5-1. По исклучувањето на Калараш, Периќ беше играчот што ја прекина серијата на „вардарци“ постигнувајќи го првиот гол од игра за Еурофарм Пелистер во 10. минута од финалето. Битолчани се приближија до 6-4, но Дисингер ја презеде одговорноста, постигна неколку гола во серија и му донесе на Вардар водство од 10-4. Оваа позитива беше одржувана до самиот крај на полувреме, кога Јагуриновски пред последниот свиреж на сирената погоди од контранапад за 16-10 за „црвено-црните“.

Јасно беше дека Еурофарм Пелистер нема да се предаде, битолчани заиграа подобро во одбраната, затворајќи ги приодите на својот гол, а на голот блесна и Чаневски, кој во ова финале се покажа во далеку подобро светло од Хендави. Тој му одбрани чист шут на Дибиров при 19-17, по што разликата долго време се движеше меѓу два и три гола. Дополнителен проблем за Бабиќ беше црвениот картон што го заработи Радовиќ на десет минути до крајот, а веднаш потоа и незгодната повреда на коленото на Мараш. Сепак, и вака дополнително ослабени битолчани одиграа одлично до финишот, па на две и пол минути до крајот преку Маџовски намалија на само еден гол негатива (24-23). Дибиров постигна прекрасен погодок од крило за 25-23, Бабиќ потоа побара тајмаут, но голот на Периќ за 25-24 на 25 секунди до крајот беше недоволен за целосен камбек во ова финале. Иван Чупиќ со гол во последната секунда ги постави конечните 26-24.

Се вчитува...