Вардар формата за пролетниот дел од сезоната ќе ја „билда“ во Анталија

Есенскиот шампион во ПМФЛ Вардар, подготовките за пролетниот дел од сезоната ќе ги помене во Анталија, Турција, каде што ќе биде стациониран 20 дена, и ќе бидат одиграни шест контролни натпревари, од кои пет се веќе закажани, а за еден се чека официјализација.

Вардарци се собираат на 9. јануари во тренинг кампот во Хиподром, кога ќе биде извршена првата прозивка и првиот тренинг. Шест дена подоцна екипата заминува во Анталија, а првиот контролен меч е на 20. јануари со Хајдук. Потоа ќе играат против Динамо Киев, Црвена Звезда, Борац Бања Лука и Мура. Се чека потврда на противникот за пријателскиот меч на 26. јануари.

Шефот на стручниот штаб Александар Васоски го соопшти планот и очекувањата околу зимските подготовки.

„Прво да им честитам Нова година и Божиќни празници на сите симпатизери на Вардар. За нас ова ќе биде година во која ќе мора да ги потврдиме игрите од првиот дел, да бидеме уште подобри, да се подобриме во секое поле, и нормално сите ние и нашите навивачи посакуваме да ја заокружиме со титула. Што се однесува до подготовките, почнуваме на 9. јануари. Ќе тренираме во нашиот тренинг камп во Хиподром до 14. јануари, а потоа на 15. јануари заминуваме во Анталија каде ќе одиграме пријателски натпревари со цел да го издигнеме нашето ниво и нашиот систем на игра. Резултатите од контролите не се во прв план. Играчкиот кадар е добро познат на јавноста, сега останува уште подобро да се воиграме и подготовени да го дочекаме пролетниот дел“, рече шефот на стручниот штаб на Вардар, Александар Васоски.

Се вчитува...