Ракометарите на Вардар денеска со почеток во 18.45 часот ќе го пречекаат Нант во првиот домашен натпревар во Лигата на Шампионите. „Црвено-црните“ по неколку години пауза се враќаат онаму каде што припаѓаат, како дел од европската елита, а за фановите уште се свежи спомените од старите добри времиња, кога Вардар беше страв и трепет во ЛШ и стигна до две европски титули.
Сега ситуацијата е поинаква, тренерот Иван Чупиќ гради тим што напредува од натпревар во натпревар, а јасно е дека по неколкуте нови засилувања летово ќе биде неопходно и време за воигрување. За Чупиќ нема дилема, Нант може да биде совладан, но за такво нешто ќе биде потребно и она најважното – ерупција на „скопскиот вулкан“ и поддршка од најверните навивачи.
„По првото коло во Германија, ни доаѓа прв меч дома. Имаме големи очекувања за утрешниот меч. За Нант можам да кажам само убави зборови. Сигурно дека имаме свои желби како да стигнеме до прва победа. Мора да бидеме претпазливи и од почеток да веруваме. Сакам да видам вистинска конекција меѓу нашите навивачи и ракометарите. Евентуална победа над Нант ќе ни биде ветер во грб за следните мечеви“, изјави Чупиќ во пресрет на денешниот дуел.
Вардар во првото коло по голема борба загуби на гостувањето во Германија од Мелсунген, додека Нант во драматичен финиш со гол во последната секунда на домашен терен славеше над Висла Плоцк.
„Очекуваме тежок меч, бидејќи сите се силни екипи во ЛШ. Очекуваме голема поддршка од нашите навивачи бидејќи знаеме што значи тоа за нас и за нашите противници. Немаме пораз дома повеќе од година дена и сакаме така да остане и во оваа сезона. Мислам дека сме подготвени и влегуваме максимално по првите бодови“, изјави Јака Малус, лидерот на Вардар и оваа натпреварувачка сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
