Вардар ќе биде спасен – деблокирање на сметка, обезбедени средства за засилувања, создавање пат за катарските инвеститори!

Отворен е патот за спас на најтрофејниот македонски клуб по денешниот состанок на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, со претставникот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор и адвокатите на досегашниот сопственик на ФК Вардар, Сергеј Самсоненко.

Наредниве денови, како што претходно се најавуваше, и дефинитивно ќе биде деблокирана сметката на ФК Вардар со тоа што Град Скопје ќе го покрие долгот од 100.000 евра, а ќе биде простена каматата во висина од 60.000 евра наталожена изминативе години.

Град Скопје ќе обезбеди средства за нормално функционирање на клубот, старт на подготовките и доведување засилувања за тимот како би се обезбедил опстанок во Првата македонска фудбалска лига, а се тоа до моментот на влезот на катарските инвеститори кој е најавен за месец март.

ФК Вардар, договорено е, со помош од државата да го активира и ваучерот во висина од 170.000 евра како би се исплатиле дел од долговите за фудбалерите. Наредниве денови и дефинитивно ќе стартуваат и подготовките на тимот под водство на Филип Ивановски, Никола Глигоров и Златко Таневски, откако претходно, во текот на утрешниот ден, претставници на Град Скопје ќе имаат средба и со фудбалерите на тимот.

Во меѓувреме, како што претходно информираше ЕКИПА, ќе се трасира патот за влез и на катарските инвеститори во клубот, кои треба да го преземат раководењето со ФК Вардар, како дел од сериозни инвестиции во Македонија кои се во рамките на договорите со Владата. Според напите информации, новите катарски инвеститори, се согласиле во наредниот десетгодишен период во ФК Вардар да вложат 50 милиони евра.

Се вчитува...